Спортскиот директор на Фуксе Берлин, Боб Ханинг, во германскиот „Кикер“ го подели своето мислење како да се вратат гледачите во ракометните арени.
Во првите две кола од Бундес лигата, дури и најпопуларниот клуб во Германија, Кил, не успеа да ги продаде сите билети. Претставниците на спортовите во сала, се плашат дека ќе биде уште полоша ситуацијата кога ќе биде и Светското првенство во фудбал во Катар.
„Сакаме да ги привлечеме љубителите на ракометот – младите фанови и нивните семејства во сала. Но колку може да си го дозволат тоа во зима? Ако доаѓале досега четири пати месечно на ракомет, сега тоа сигурно ќе биде два пати, а тоа не е позитивен момент. Заедно мора да се потрудиме да не ги загубиме фановите на нашиот спорт и да креираме атрактивна средина за нивните семејства“, вели Ханинг.
Поради фудбалското СП, беше променет и терминот на Европското женско првенство што се игра вообичаено во декември, но сега е на програмата на почетокот на ноември.