На првиот официјален натпревар во 2021 година ракометарите на Вардар стигнаа до првата победа откако денеска на средба од СЕХА лигата „црвено-црните“ обезбедија триумф од 25:21.
Вардарци отворија далеку подобро од противникот и брзо дојдоа до пет разлика. Поведоа со 6:1 и овие плус пет им овозможија да влезат далеку подобро во натпреварот.
Како одминуваше времето така стануваше јасно дека во првото полувреме противникот нема да може да се наигра односно тешко ќе може да се врати во натпреварот. Постојано предноста се движеше од три до пет гола така што немаше многу простор за да се направи нешто повеќе од гостинскиот состав, па Вардар лесно ја чуваше предноста за на одмор да замине со 15:10.
После само шест минути игра во вториот дел од средбата Вардар имаше и плус шест. поведе со 18:12 и неколку минути ја чуваше оваа предност. Потоа следуваа минути во кои Војводина одигра подобро. Најде игра да одговори на малата криза во Вардар.
Овие минути овозможија Војводина да се доближи на три разлика. Вардар имаше 20:17 во 44. минута и од тој момент почна враќањето на Вардар и враќањето на предноста која најчесто беше актуелна на средбата од пет погодоци.
Како се доближуваше крајот на натпреварот така стануваше јасно дека победата ќе им припадне на ракометарите на Вардар кои ја контролираа предноста во текот на сите 60 минути. Водството не беше загрозено така што беше отворена сезоната со победа.
Инаку, на овој дуел се повреди Кристијан Дисингер кој беше турнат при шут и имаше лош пад по кој поткривнувајќи го напушти теренот. На болки во ногата се покажи и Димитриоски кој имаше лош доскок.
Вардар – Војводина 28-01-2021
Гоце Георгиевски и Тимур Дибиров ги предводеа стрелците со по четири гола, додека Младен Шотиќ со шест гола беше најефикасен на средбата. Ристовски имаше десет одбрани на овој дуел.
Следниот натпревар за Вардар во СЕХА лигата е в понеделник од 20:15 часот против тимот на Нексе во СЦ „Јане Сандански“.