Составот на Вардар стигна до втората победа во СЕХА лигата во само неколку дена откако денеска го совлада Нексе со 27:26. Со тоа освои уште два бода и го чува првото место во Групата Б со максимални четири поени.
Вардарци влегоа сигурно во натпреварот, а на гостите им требаа осум минути за првиот гол. Во 8. минута кога Нексе реализираше преку Милета, Вардар имаше 4:0.
Разликата беше 3-4 гола неколку минути, а потоа следуваше подобра игра од гостите. Иако немаа поддршка од голманите, сепак, гостинскиот тим беше на гол до два зад Вардар и постојано притискаше. Во Вардар најрасположен уште од стартот беше Талески кој го предводеше нападот.
Одбраната беше на солидно ниво, па тоа резултираше со предност од 2-3 гола која постојано беше актуелна во првите 30 минути. Гостите се трудеа да ги свртат работите во своја полза, но не одеше најдобро.
Вардар ја држеше контролата и успеа на одмор да замине со 15:12. Овие три гола не даваа голема сигурност, но најавуваа позитивен епилог на средбата.
Сè беше добро и на почетокот на второто полувреме кога составот на Вардар успеа да ја чува предноста и продолжи да го диктира водството. Имаше резултат кој гарантираше бодови, но од 38. минута работите почнаа да се менуваат. Нексе заигра подобро, а Вардар не ги користеше нападите најдобро. Почна водството да се намалува од минута во минута што резултираше со првото израмнување во 47. минута кога резултатот беше 23:23.
Вардар – Нексе (СЕХА лига)
Гостите имаа свои шанси за да израмнат, но не успеаја. Вардар успеа да остане во предност од еден гол. Стигна и до плус два, но во финишот имаше голема драма. Сепак, кога беше најтешко, а Нексе можеше да израмни на 27:27, Ристовски одбрани одлично, а потоа Вардар во последните 20 секунди успеа да одигра паметно и да го потроши времето, па славеше минимално со 27:26.