Ракометарите на Голден Арт во претпоследното коло од регуларниот дел од Првата лига силите ќе ги одмерат со Алкалоид, во натпревар од Групата Б.
Овој натпревар за двете екипи е од голема важност бидејќи првопласираниот од групата ќе пренесе повеќе бодови во плеј-оф фазата. Екипата на Алкалоид е лидер во Групата Б со три бода повеќе од второпласираниот Голден Арт.
Еден од најдобрите стрелци во Голден Арт, Марио Миланов се надева на победа во денешниот дерби дуел. Првиот натпревар меѓу двете екипи заврши без победник, 25:25.
„Како на сите натпревари до сега, така и на овој ќе се потрудиме да го дадеме својот максимум. Нашиот денешен противник, Алкалоид, е квалитетна екипа, моментално е лидер во нашата група. Но, со оглед на тоа дека овој пат ние сме домаќините на ова големо дерби, имаме голема мотивација за победа и се надевам на позитивен резултат за мојата екипа од оваа средба“, изјави Миланов за 24 Ракомет.
Средниот бек е задоволен од прикажаната игра и регуларниот дел од сезоната го оцени како одличен.
„Можам да кажам дека досегашниот дел од сезоната помина доста добро, остваривме одлични резултати. Иако, имаме само еден пораз од Јуниор КВ и реми со Алкалоид, ние сме задоволни од нашата игра, која ја покажавме на терен во сите натпревари од регуларниот дел од оваа сезона“, заврши Миланов за 24 Ракомет.
Натпреварот меѓу Голден Арт и Алкалоид ќе се одигра во СЦ „Јане Сандански“, со почеток од 19:30 часот. За натпреварот се продаваат и билети по цена од 100 денари, а приходот ќе биде наменет за развој на младинските школи на клубот низ државата.