Екипите на Металург и Еурофарм Пелистер 2 ја отворија новата сезона од првенството на Македонија. Во првиот натпревар од групата 2 во Суперлигата многу потешко од очекувањата фаворитот стигна до победа од 25:21.
Гостите од Битола се покажаа како незгоден противник за тимот од Автокоманда. Еурофарм Пелистер 2 беше рамноправен противник во поголемиот дел од натпреварот.
Почетното водство го имаше гостинската екипа, во 10. минута резултатот беше 2:3. Следуваа добри минути на Металург кој направи серија од 4:0 и во 16. минута го имаше првото повисоко водство од 6:3.
Тоа траеше многу кратко, Еурофарм Пелистер 2 возврати и резултатот поторно беше израмнет. До крајот на првиот дел двете екипи го менуваа водството, но сепак првите 30 минути завршија изедначено 11:11 со голот на Мартин Серафимов во последната секунда.
Во продолжението од натпреварот развојот на настаните беше ист, најчесто беше нерешено или домаќинот имаше минимална предност. Веќе кон средината на вториот дел Металург успеа да направи одново предност од неколку гола. Во 47. минута беше 20:17 и избраниците на Кастратовиќ имаа добра предност за во завршните минути. До крајот успешно го одработеа преостанатиот дел и ја запишаа првата победа во сеозната.
Најефикасен во победничкиот тим беше Мартин Серафимов со седум голови, Марко Тарабокија постигна пет. Во екипата на Еурофарм Пелистер 2 најдобри беа Јован Талевски со девет погодоци и Дарио Петровски со пет гола.