Екипата на Македонија ЃП, која ќе игра во плеј-оф фазата од Првата лига, денес во рамки од 17. коло во прволигашката конкуренција одигра без многу проблеми против Јехона и забележа победа од 38:23.
На домашниот тим му припадна само воведниот дел, во кој неколку пати беше во водство. Откако Јехона поведе со 3:1, гостите направија серија од 5:0, се одлепија на ,,плус три” 6:3 и до крајот на натпреварот беа во голема резултатска предност.
Јехона на моменти успеваше да парира, но тоа не беше доволно за поблаг пораз, бидејќи избраниците на Димитриоски на полувреме заминаа со убедливо водство од 17:11 и во вториот дел ги казнуваа грешките на домашниот тим и со поцврста одбрана дојдоа до нова победа која што беше изразена со 15 гола разлика.
Во 40 минута црвен картон поради три исклучувања заработи младиот член на Јехона, Алтин Селмани. Неговата преселба на трибините беше дополнителен проблем за домашната екипа, така што гостите многу лесно ја одработија задачата во вторите 30 минути.
Предводници во победничката екипа беа Горазд Нелоски со девет и Филип Ролевски со седум погодоци.
Кај Јехона се истакнаа Филип Илиески со шест реализации, а пет пати во листата на стрелци се запиша Ерлис Селмани.