Актуелниот олимписки првак, селекцијата на Франција е првиот ривал на Македонија на Европското првенство 2022.
Франција во Скопје пристигна без неколку големи имиња, но сѐ уште важи за еден од фаворитите за пласман меѓу најдобрите репрезентации.
Селекторот Оливие Крумболц истакна дека македонската репрезентација е непознаница за Франција и дека со неговите избранички посакуваат со победа да го започнат континенталниот собир.
,,Тимот секогаш сака да освојува медали, па така овој шампионат ќе биде доста интересен. Имаме неколку повредени играчи и репрезентацијата на Македонија е непознат тим за нас. Но, ќе се обидеме со победа да стартуваме и овој натпревар ќе биде добра подготовка за наредните дуели”, изјави Крумболц.
Една од носителките на играта во Франција, Естел Нзе Минко, која на претходното ЕП беше прогласена за најкорисен играч, односно МВП, смета дека сите репрезентации во групата Ц се квалитетни.
,,Ние знаеме што да направиме, сакаме да победиме и мора да покажеме зошто сме добри во изминатите години. Наша следна цел е Олимпијадата во Париз, таму ќе имаме квалификации и треба да бидеме подобри. Имаме тешка група, во која има одлични противници и ние сакаме да стартуваме победнички”, изјави искусната ракометарка.
Натпреварот меѓу Македонија и Франција ќе се одигра денес, со почеток од 18:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“.