Лазаров објави поширок список пред дуелите со Финска и Швајцарија – има седум новитети (ФОТО)

Селекторот на машката сениорска репрезентација, Кире Лазаров, го објави поширокиот список пред последните два натпревари од квалификациите за Европското првенство.

На списокот се наоѓаат 35 ракометари, од кои Лазаров ќе одбере 16 што ќе играат на двете средби, а скратениот список се очекува деновиве.

Во споредба со претходниот поширок список, нови имиња се голманот Васил Гогов од Работнички, крилата Иван Димитровски од Еурофарм Пелистер 2 и Дарко Кондев од Тиквеш, пивотот Марко Стојковиќ, како и бековите Давид Савревски, Павле Атанасијевиќ и Марко Митев.

По подолго ќе го нема Марио Танкоски, а ги нема ниту Градимир Чаневски, Мартин Карапалевски, Мартин Ивановски, Димитар Димитриоски, Томче Стојановски и Никола Цветаноски.

Македонија, која веќе обезбеди место на ЕП, на 28 април во Рихимаки ќе игра против Финска, додека на 2 мај во Скопје ќе ја пречека Швајцарија.