Екипите кои планираат во следната сезона да се натпреваруваат во домашниот шампионат и официјално го дознаа рокот во кој ќе треба да ги достават своите пријави, но и потребните документи за да можат да се натпреваруваат во Супер и во Првата лига.
Последниот ден за доставување на пријавите е 30 јуни, па ова е доволно време за комплетирање на документацијата, која им е потребна за да можат да влезат во натпреварувачкиот систем за новата сезона.
Тимовите од Супер машката лига треба да бидат регистрирани како акционерски друштва, додека оние од Првата лига треба да достават решение за вршење дејност спорт.
До истиот датум своја пријава треба да достават и екипите кои планираат да имаат свои состави и во пониските категории односно во младинска, кадетска и пионерска конкуренција.
Како што е познато Супер машката лига во новата сезона ќе брои 14 екипи, кои ќе играат во две групи, а најдобрите три од секоја ќе одат во плеј-офот каде ќе им се приклучат Вардар и Еурофарм Пелистер.