Келн, четвртиот германски град по големина, во следната година, ќе биде домаќин на два големи настани – завршните турнири во ракометната Лига на шампиони и кошаркарската Евролига, и тоа во рок од седум дена.
По Минхен и Берлин, Келн е третиот германски град што ќе го организира Ф4 турнирот во најквалитетното кошаркарско натпреварување во Европа, а тој ќе се одржи од 22 до 24 мај.
Една седмица подоцна на истото место, во „Ланксес Арена“ ќе се собере и ракометната елита. Во оваа сала, Македонија три години по ред имаше претставник во Вардар, а нашиот тим два пати ја освои титулата.
Вардарци станаа единствена екипа што три пати по ред успеала да стигне до завршниот турнир во ЛШ. Сезонава патот до таму ќе биде трнлив, но се уште има време и надеж дека вардарци и четврти пат ќе одат во Келн.
„Потврдата дека ќе го организираме Ф4 од Евролигата беше фантастична вест за нас. Ракометарите веќе се чувствуваат како дома во Келн и во „Ланксес Арена“, а сигурна сум дека и кошаркарите ќе станат наши нови фанови“, изјави градоначалничката на Келн, Хенриете Рекер.
Завршниот турнир во Лигата на шампионите во ракомет ќе се одржи на 30 и 31 мај.