И Загреб се израдува на победа – Ашанин го сопре Татран за СЕХА бодови

Ракометарите на ППД Загреб го остварија првиот триумф во новата сезона од СЕХА лигата во рамки на групата А откако во првото коло на домашен терен го совладаа составот на Татран Прешов со 25:20.

Избраниците на Владо Шола беа во предност во поголемиот дел од натпреварот со исклучок на воведните минути. Во првите пет минути Татран ја имаше почетната предност, но Загреб многу брзо ја презема контролата на натпреварот.

Веќе во 11. минута домаќинот имаше три позитива, 7:4, но Татран не дозволи противникот да се одлепи и уште во раната фаза да го реши победникот. Се играше гол за гол петнаесетина минути, а завршницата на првиот дел им припадна на ракометарите на Загреб. Со головите на Хрстиќ и Мандиќ, Загреб повторно имаше убава предност, а на полувреме водеше 17:12.

На крајот се покажа дека оваа разлика од пет гола беше сосема доволна за конечен триумф на хрватскиот тим. Вториот дел започна со повеќе грешки и промашувања на двете страни и ниту еден тим не успеа да го искористи слабиот период на противникот. Двете екипи погодуваа наизменично, па разликата од полувремето се задржа до 51. минута кога беше 23:18.

Во последните десет минути домашниот состав не дозволи противникот да се доближи и да се понадева дека може да избегне пораз. Ловре Кларица со два гола во завршните минути ја одржа разликата на пет за сигурен триумф на Загреб во првиот натпревар во новата сезона од СЕХА лигата.

Најефикасен со составот на Загреб беше Давид Мандиќ со шест гола, додека веднаш зад него со пет погооци беше Матеј Хрстиќ. Матеј Ашанин беше извонреден на голот на Загреб и еден од најзаслужните за победата со 19 интервенции. Во екипата на Татран Прешов Џихед Јабала беше прв стрелец со четири гола, а голманот Марко Колодети имаше 12 одбрани.

Следен противник на ППД Загреб е составот на Еурофарм Пелистер. Натпреварот се игра во Загреб в сабота од 20 часот.