Во дебитантот во Супер лигата, КЛ7 кој го носи брендот на нашиот најпознат ракометар, Кире Лазаров по вторпат се соочуваат со Ковид-19, а сега истото ширење е многу поголемо. Поради ова четири кола од нивната група во Супер лигата се одложени, и по две недели изолација првенството треба да продолжи.
Екипата на КЛ 7 доцна навечер во средата ја доби најлошата вест која еден клуб може да ја добие во моментов односно вкупно 16 ракометари и членови на стручниот штаб се позитивни после тестирањето кое беше направено откако кај неколку играчи се појавиле симптоми. Ова е прв ваков сериозен случај на ширење на коронавирусот. Прво заразени пријавија од Еурофарм Пелистер 2, но и од КЛ7 на самиот почетокот на подготовките на почетокот на август.
Бројките се навистина големи и во овој момент клубот покажа дека може да се носи со целата ситуација и дека ќе успее да најде начин како ракометарите да го минат периодот без поголеми проблеми и да се вратат одново на терен. Клубот сам ја потврди информацијата за позитивните играчи, а веднаш штом ги добиле резултатите од тестирањето иако било доцна во ноќта истата информација ја споделиле со својот последен ривал, со Радовиш.
Од КЛ7 не открија како се заразиле нивните играчи кои први покажале симптоми, кои според соопштението биле навистина силни бидејќи веднаш имале загубено чуство за вкус и мирис. Има многу шпекулации, но на епидемиолозите им е познато откаде вирусот стигнал меѓу младите ракометари.
„Против Радовиш во понеделникот игравме натпревар, а следниот ден имавме 2-3 ракометари кои се пожалија на зголемена температура и одредени симптоми карактеристични за коронавирусот. Немаше многу размислување. Луѓето коишто го водат клубот веднаш побараа да се направи тестирање, но не на оние ракометари кои пројавија симптоми туку буквално на комплетниот тим заедно со стручниот штаб и раководството. Се тестиравме 32 членови на клубот и резултатите беа навистина тешки. Пола од тестираните се позитивни така што сите сме во изолација. И оние кои се негативни и оние кои се позитивни ќе мораат во изолација“, вели Горан Ѓоргоноски, дел од клубот кој исто така се наоѓа во самоизолација.
Исто како и ракометарите во изолација ќе бидат и членовите на стручниот штаб меѓу кои исто така има позитивни на тестирањето на Ковид 19. Сите што биле во контакт со членовите кои се покажале како позитивни се известени за да се утврди дали и какви контакти имале и тие.
„Покрај поголем дел на ракометари имаме позитивни и членови на стручниот штаб. Се надевавме дека бројките ќе бидат помали и дека нема да дојде до ова, но направените тестови со брисеви од грло и нос, кои ги даваат најпрецизните ни донесоа навистина лоши резултати. Ќе се обидеме колку е можно побезболно да го надминеме овој период. Сакаме со ова да дадеме поттик сите да го ставиме здравјето на играчите на прво место и да се заштитиме максимално“.
Тој го потенцира моментот дека со ова клубот потврди дека се грижи за младите ракометари и дека кога е во прашање здравјето на ракометарите ништо нема цена. Важно е да се направи сè за да се помогне на ракометарите да се вратат брзо на терен.
„Ова е навистина сериозен проект насочен кон развој на млади македонски играчи и со ова што ни се случи уште еднаш се потврди дека луѓето кои стојат зад овој проект, претседателот и сите кои го финасиираат клубот имаат огромна одговорност и то вој дел немаше никакви двоумења што треба да се направи за да се заштитат децата на клубот. Сега се сите тие во изолација, згрижени и за брзо повтоно ќе бидат на терен да продолжат каде што застанаа во нивниот развој, а со нив и развојот на нашиот млад колектив кој и претходно покажа, но и во оваа ситуација исто така каде треба да се инвестира и на кој начин“, коментираше Ѓоргоноски.
Екипата на КЛ 7 сезонава дебитираше во Супер машката лига, а сезоната ја стартуваше со два добри натпревари во кои даде отпор на искусните состави на Охрид и Радовиш.