Претпоследното коло донесе нови возбудувања во македонската ракометна лига. Вардар не успеа да ги освои трите бодови на гостувањето во Кавадарци кај Тиквеш, а Еурофарм Пелистер победи во Охрид. Таквиот расплет на настаните ги одведе битолчани на недостижни пет бодови предност пред Вардар и освојување на шампионскиот пехар по 18 години пост. Битола слави, Еурофарм Пелистер се радува, а последното коло на домашен терен против Тиквеш ќе има ревијален карактер за прослава на нова титула во некогашната македонска ракометна Мека.
Еурофарм Пелистер сега е прв на табелата во македонската Суперлига со 39 бодови, Вардар е втор со 34, а зад нив со 33 бодови е Алкалоид.
- Еурофарм Пелистер имаше тешка задача на гостувањето кај Охрид која успеа да ја реши во своја корист за конечни 28-25. Целосниот извештај прочитајте го тука.
- Вардар од гостувањето кај Тиквеш се враќа само со еден бод, откако во драматичен но израмнет натпревар не успеа да ја сочува минималната предност од еден гол. Тиквеш имаше предност во поголемиот дел од натпреварот, во еден момент и од шест голови, но на средина од второто комплетно му ја препушти конторлата на сега поранешниот македонски шампион. Освоениот бод ги носи кавадарчани во Европскиот куп. Целиот извештај прочитајте го тука.
- Алкалиод имаше полесна задача во претпоследното коло и го совлада младиот тим на Еурофарм Пелистер 2 за одржување на чекор со водечките екипи. Сега има голема шанса да ја нападне и вицешампионската позиција. Целосниот извештај од натпреварот одигран во Автокоманда прочитајте го тука.
Во последното коло на македонскиот плеј-оф Еурофарм Пелистер го пречекува Тиквеш на домашен терен. Вардар во „Јане Сандански“ ќе се бори за вицешампионската позиција со Алкалоид, Охрид игра во Скопје против Бутел, а Еурофарм Пелистер 2 и Пролет ќе и одмерат силите за избегнување на последното место на табелата.