Тимот на Еурофарм Пелистер го очекува незгодно гостување кај словачкиот првак Татран Прешов, во рамките на регионалната СЕХА лига.
Тренерот на Татран, Славко Голужа, вели дека неговиот тим е мотивиран за победа над битолчани.
„Ние сме многу мотивирани за да славиме на овој натпревар. Одигравме едно лошо полувреме во Битола и наша цел е тоа да го поправиме. Играме против квалитетен тим и знаеме дека ќе биде далеку од лесно. Ќе направиме се за добро да се подготвиме и да стигнеме до победа“, вели Голужа.
Слично размислува и левиот бек Оливер Рабек.
„Мечот во Битола беше лош за нас и загубивме со 12 погодоци. Ништо не ни одеше, но го анализиравме тој дуел и ќе се подготвиме добро за утрешниот меч. Мора да играме добро во одбрана и да имаме брза транзиција. Тие исто така играат агресивна одбрана и имаат добар среден бек. Мора да бидеме фокусирани на одбраната ако сакаме добар резултат“, вели Рабек.
Натпреварот меѓу Татран Прешов и Еурофарм Пелистер се игра утре во „Татран Арена“ со почеток во 17:45 часот.