Гевгелија му даде 40 гола на Кузман Вардар

Екипата на Гевгелија на гостувањето во Илинден кај Кузман Вардар запиша сигурна победа, со резултат 28:40, во натпревар од 10. коло од плеј-аут фазата во Женската лига.

Гостинките од Гевгелија уште од самиот старт ја имаа контролата на терен. Гевгелија со водството од 2:6 во воведниот дел, покажа дека победата нема да биде доведена во прашање, иако, ракометарките на Кузман Вардар на моменти даваа отпор, но не можеа да ја анулираат високата резултатска негатива, која беше направена поради лошиот старт во натпреварот. Избраничките на Татјана Бојкова по 30. минути игра, на пауза заминаа со плус осум гола разлика, 11:19.

По десет минути игра во второто полувреме, односно во 40. минута, водството на гостинскиот состав беше 15:27. До крајот на натпреварот, Димова и нејзините соиграчки продолжија да ја полнат мрежата на домаќинот, кој на десет минути пред финишот заостануваше на минус 13 гола разлика, 20:34.

Најефикасна на натпреварот беше ракометарката од редовите на Гевгелија, Елена Димова со 11 постигнати погодоци. Во домашниот табор во одлично светло се покажа Анастатија Ѓорѓиева со десет гола.