Втора победа за Македонија, но само за 3. место

Репрезентацијата на Македонија во младинска конкуренција дојде до втората победа на ЕХФ шампионатот, но триумфот од 33:16 против Косово беше доволен само за да се освои 3. место во Групата Б и да се влезе во битка од 5. до 8. место.

Македонија го реши победникот на денешната средба уште во првите 30 минути. Со оглед на тоа што противникот не беше на нивото на претходните ривали денеска требаше само да се издржи темпото од почеток до крај и да се одработи задачата така што девојките одработија според планот.

Веќе во 9. минута резултатот беше 5:1 и тоа беше отворање на натпреварот какво што можеше да се види и во текот на минатите денови на претходните дуели. Играта одеше според планот така што немаше проблем за да се дојде до резултатот кој беше планиран. Водството постојано се зголемуваше. Во 16. минута беше 10:3, во 25. минута резултатот беше 13:5, а на одмор се замина со 16:7.

Највисокото водство во првите 30 минути беше на трисетина секунди пред заминување на пауза кога на семафорот стоеше 16:6.

Во вториот дел разликата постојано беше двоцифрена. Македонија сигурно чекореше кон победа така што немаше проблеми за триумф. Прашање беше само која ќе биде разликата со која ќе се финишира овој дуел во кој дефинитивно Македонија ја оправда улогата.

Шанса да играат добија повеќето ракометарки, а и оние кои не играа на претходните средби. Најмладата на овој шампионат, 14-годишната Ива Младеновска ја искористи својата шанса и натпреварот го заврши со четири погодоци. Најефикасна во Македонија беше Седлоска со осум гола.

Оваа победа за Македонија значи трето место во Групата Б и дуел против селекцијата на Финска в сабота од 15 часот.