Од минатата недела Јосип Периќ е нов ракометар на Еурофарм Пелистер. Босанскиот репрезентативец кој настапува на позицијата среден бек потпиша двегодишен договор со битолскиот клуб.
Доаѓа од германски Гепинген и ќе ја зголеми босанската група ракометари во Битола. Неговите први импресии од новата средина, соиграчите, тренерот и претседателот се позитивни.
„Ме контактира тренерот Бабиќ, ми ја објасни визијата и сите детали за клубот. Потоа стапив во контакт со претседателот Стерјев. Брзо се договоривме за сите детали. Со нетрпение чекам да го облечам дресот на Еурофарм Пелистер. Разговарав со Вегар и Граџан. Тие имаа само пофалби за клубот, а особено за навивачите и атмосферата. Во Романија играв со Кукоски, Ојлески и Кузманоски и едвај чекам повторно да играме заедно“, вели Периќ.
Периќ е замената за Ловро Јотиќ, кој си замина од клубот заедно со Владислав Остроушко, Олександр Шевелев, Горан Кузманоски, Михаил Петровски, Филип Чурлевски и Никола Митревски.
Еурофарм Пелистер го потпиша македонскиот репрезентативец Марио Танкоски, а ја продолжи соработката и со Елмир Граџан, Милорад Кукоски, Милан Ѓукиќ, Марин Вегар и Невен Стјепановиќ.