Во рамките на СЕХА лигата, Мотор Запорожје утре ќе гостува во Скопје и силите ќе ги одмери со Вардар. Украинскиот шампион моментално е лидер во Б групата со три победи и девет освоени бодови.
Тренерот на Мотор Запорожје, Гинтарас Савукинас, изјави дека неговиот тим имал малку време за подготовка против Вардар поради репрезентативните настапи на неговите избраници.
„Тимот се подготвуваше, за жал, не со полна сила, бидејќи голем број на наши ракометари имаа обврски со националниот тим. Шест репрезентативци на Украина се приклучија малку подоцна во нашиот состав, бидејќи играа на Фарските Острови и имаше случај на коронавирус. Според последните податоци, ракометарите не се заразени, но сепак заради целосна безбедност требаше да прават тестови. Потребно е подолго време за ракометарите по репрезентативните да се вратат на клупските обврски. Секогаш е тешко да се игра против Вардар. Се докажа низ годините, дека Вардар е поинаков тим кога игра дома – помоќен, поагресивен и ќе биде многу тешко за нас да играме во Скопје. Ние победивме дома, ама затоа што имавме одличен старт и потоа ја одржувавме предноста. Сега ќе биде нов натпревар. Се подготвуваме за тежок меч. Целта ни е да победиме пак и да останеме на првото место“, вели Савукинас.
Натпреварот помеѓу Вардар и Мотор Запорожје се игра утре со почеток од 20:15 часот во СЦ „Јане Сандански“.