Вардар виси за ЛШ – ЕХФ бара депозит од 1.000.000 евра!

Европската ракометна федерација денеска ги објави 16 екипи што треба да бидат дел од Лигата на шампионите во новата сезона, но учеството на македонскиот шампион Вардар е во опасност.

ЕХФ потенцира дека ласнкото учество на Вардар во елитното натпреварување било под одредени услови, кои не биле исполнети. Европската куќа на ракометот во процесот на регистрацијата за новата сезона бара уште неколку дополнителни работи да бидат решени, па затоа побара и 1.000.000 евра како депозит на две рати.

Првата треба да биде уплатена до 13 јули, а втората рата на 27 јули.

Депозитот ќе биде искористен за покривање на долговите што клубот го има кон дел од ракометарите што играа во претходните сезони, кога Вардар беше спонзориран од Сергеј Самсоненко.

ЕХФ веднаш му најде замена на Вардар, доколку не бидат исполнети овие услови, а тоа ќе биде словенечкиот Горење Велење. Ова значи дека Вардар нема да може да игра ниту во Лигата на Европа, а до истекот на рокот, 27 јули, учеството на вардарци во елитното натпреварување ќе „виси“.