Ракометарите на Еурофарм Пелистер по триумфот во куп натпреварот над Вардар Неготино, ги чека нов дуел, но во регионалната СЕХА лига.
Ривал е словачкиот првак Татран Прешов, а тренерот Жељко Бабиќ нагласува дека со агресивна одбрана ќе се стигне до победа.
„Татран Прешов е добро тренирана и добро водена екипа од поранешниот хрватски селектор, кој долго време е таму, што значи дека добро си ја работи својата работа. Во тоа не треба воопшто да се сомнева. Имаат добра транзиција и контра напад и многу добар посед на топка во напад. Тоа веќе им го нагласив на моите ракометари. Единствен начин ако сакаме, а сакаме да победиме, е агресивна одбрана, посебно во средината, и враќање во одбрана. Натпреварот бара голем респект и ни следи тежок дуел“, вели Бабиќ.
Битолчани имаат четири победи по ред во Лигата на Европа и обезбедија место во осминафиналето.
„Верувам дека играчите по којзнае кој пат покажаа карактер. Тие се навистина страшни и наистина верувам дека кој и да игра против нас, ќе му биде тешко. Имаме кадровски проблеми со повреди, но на тие дуели покажавме дека не е важно кој игра, важно е да има срце, да има желба, да не е себичен. На тој начин се покажува сечиј квалитет, јас и сите во клубот сме горди на резултати, и на тоа што добро ја презентираме Македонија. Во спортот е тешко да се живее во минатото. Се што направивме е веќе минато и треба да направиме се што можеме, да славиме на нашиот следен меч против Прешов“, заврши Бабиќ.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Татран Прешов се игра утре со почеток во 17:45 часот во салата „Боро Чурлевски“.