Алушовски: Влегуваме во жесток ритам на четири фронта, ќе треба да покажеме дека сме квалитетен тим

По поразот од Нексе во Нашице, ракометарите на Вардар ги очекува нов натпревар во регионалната СЕХА лига.

Противник е украинскиот првак Мотор Запорожје, а стратегот Стевче Алушовски верува дека тимот ќе одигра многу подобро отколку на првиот меч.

„Верувам дека против Мотор Запорожје ќе одиграме многу подобро отколку на првиот меч во Украина. Проблемите околу составот на екипата постојано се присутни. Дури утре ќе решиме со кои играчи ќе се спротиставиме на Мотор. Ловро Јотиќ се уште не тренира со екипата, а поради повреда неизвесни се и Патрик Валчак, Димитар Димитриоски, Иван Чупиќ и Борко Ристовски. Од првиот меч против Мотор извлековме доста поуки и се надевам ќе одиграме многу подобро. Сега влегуваме во жесток ритам на играње на четири фронта. Ќе треба да издржиме и да покажеме дека сме квалитетен тим. Очекувам да играме многу подобро“, изјави Алушовски.

Натпреварот меѓу Вардар и Мотор Запорожје се игра утревечер во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 20:15 часот.