Ракометарките на Ѓорче Петров во рамки од 7. коло од Женската лига на свој терен ќе го пречекаат амбициозниот тим на Чаир.
Бранителот на титулата нема загубено натпревар, има шест од шест, додека составот на Чаир нема пораз во досегашниот тек од сезоната, оствари пет победи и едно реми.
Тренерот на Ѓорче Петров, Симе Симовски, ги истакна своите очекувања за неделниот дуел и имаше пофални зборови за ривалот.
,,Од досега постигнатото сум многу задоволен, поминаа шест кола, во кои игравме со ривали, кои не беа по мерка, освен дерби дуелот со Куманово, па така ни следува еден микро циклус на силни натпревари. Најпрво играме со Чаир, потоа следуваат двата европски натпревари против Ојпен во рамки од третата рунда во Европскиот Куп. За дуелот со Чаир имаме позитивни очекувања, работиме напорно, тренираме, двете екипи добро се познаваме и во ниту еден случај не треба да се потцени тимот на Чаир, кој исто така има свои квалитети”, изјави Симовски.
Стратегот на „лавиците“ истакнува дека екипата на Чаир е целосно анализирана и се надева дека неговите избранички ќе ја исполнат целта.
,,Чаир има новитети во новата сезона, домашни и странски засилувања, кои ќе сакаат на натпреварот да го дадат максимумот и да се покажат во најдобро светло. Имаме анализа на нивната игра и направено стратегија што треба да се одигра. Ние си градиме своја игра, си ја негуваме во овие две сезони, нормално, со мали надоградувања за секој натпревар. На овој натпревар би пресудиле два фактори, тоа се тактичкиот дел, каде што треба да се одговори на поставените задачи, и физичката подготвеност, но мислам дека ракометарките ќе дадат сѐ од себе за победа”, заврши Симовски.
Дуелот меѓу Ѓорче Петров и Чаир ќе се одигра в сабота со почеток од 19:00 часот во спортската сала „Христо Батанџиев“. Влезот за сите љубиттели е слободен.
Николиќ: Чаир е опасен од сите позиции, ние досега немаме загубено – верувам така и ќе остане