📷 Прилепчани феноменално ја затворија сезоната

 

Прилеп – Еурофарм Пелистер 2

 

Ракометарите на Прилеп во најважниот сезонски натпревар успеаја да дојдат до победа и да го сочуваат суперлигашкиот статус за следната сезона. Прилепчани во рамки од последното, 14. коло од плеј-аут фазата пред домашната публика славеа над Еурофарм Пелистер 2 со 31:24 и го осигураа првото место, кое им донесе директен опстанок во најквалитетното натпреварување во Македонија. Пред преполната сала во СОУ “Ристе Ристески-Ричко” избраниците на Божидар Мојсов покажаа како се гине за дресот на клубот, лесно доаѓаа до реализација, одиграа одлично во два правци и вториот дел од сезоната го завршија без загубен бод на домашен терен. Предводници во нападот на победничката екипа беа Христи Бикоски и Никола Цветановски, а меѓу стативите доминираше Иван Ангелески. Младите битолчани за да опстанат во Супер лигата ќе мора да го совладаат Радовиш во бараж дуелот.