
Вардар на 8 октомври го пречекува полскиот тим Висла Плоцк во натпревар од Лигата на шампионите, a средбата ќе се одигра во СЦ „Јане Сандански“, со почеток во 20:45 часот.
Пред „црвено-црните“ е уште еден голем европски предизвик на домашен терен, а поддршката од трибините повторно ќе биде важен дел од борбата за позитивен резултат.
Билетите за натпреварот се пуштени во продажба, а може да се набават онлајн ТУКА и во фаншопот на Вардар.
Цените на билетите се 400, 500 и 600 денари во зависност од блокот, односно местото на седење во салата.
„Вардар ги замолува сите навивачи кои ќе присуствуваат на натпреварот да пристигнат навреме во СЦ „Јане Сандански“, со цел да се избегне создавање метеж на влезовите поради процедурите за влез и проверка на билетите. Препорачуваме навивачите да бидат во салата најдоцна до 20:30 часот“, напишаа од македонскиот шампион.
По европските дуели со Мелсунген и Нант, Вардар повторно ќе ја има поддршката од својата публика во уште една вечер од Лигата на шампионите.

Францускиот среден бек Саду Н’танзи дебитираше во дресот на македонскот вицепрвак Еурофарм Пелистер.
Битолчани денеска го официјализираа неговиот потпис, а Н’танзи веќе го имаше своето деби во тимот на Лино Червар.
Тој го одигра првиот натпревар во дресот на Еурофарм Пелистер против Бутел Скопје и успеа да постигне три гола од три обиди.
Некогашниот младински репрезентативец на Франција и екс член на ПСЖ, Мелсунген, Тулуз…ќе биде уште една одлична опција во нападот на пелистерци.

Еурофарм Пелистер се пофали со новото засилување – потпиша Саду Н’танзи

Европската ракометна федерација ги објави составите на Вардар и Бриксен за реванш натпреварот од второто коло во ЕХФ Европскиот Куп.
Предводничката на „црвено-црните“, Даниела Новеска, за оваа средба ќе смета на 15 ракометарки што настапија на првиот меч, а направи една промена.
На местото на Симона Миноска, во составот на Вардар ќе биде Мила Николовска, додека кај домаќинот Бриксен, ростерот е истиот од вчерашниот меч.
Првиот дуел го доби Бриксен со 32-29, а денешниот реванш натпревар на кој Вардар формално е домаќин се игра од 18:00 часот во салата на италијанскиот состав.


Вардар го доби дербито против Охрид со убедливи 27-18, откако уште во првото полувреме изгради висока предност од 14-6. Тренерот Иван Чупиќ беше задоволен од агресивноста во одбраната и трпението во нападот, но потенцира дека дуелот со Висла Плоцк во Лигата на шампионите ќе биде сосема поинаков предизвик.
Црвено-црните од почетокот го наметнаа својот ритам, ја контролираа средбата и не му дозволија на Охрид сериозно да се врати во натпреварот. За Чупиќ, ова издание претставува потврда дека екипата се движи во посакуваната насока.
„Мислам дека сигурно сме на вистинскиот пат. Овој натпревар, по речиси два месеца работа, беше патоказ за тоа како сакаме да играме во одбраната, колку сакаме да бидеме агресивни и колку трпение сакаме да имаме во нападот. Можеби во последните десетина минути нападот не беше онаков каков што очекувавме, но кога имате предност од девет или десет гола, тогаш тоа не е толку важно за конечниот впечаток од натпреварот“, изјави Чупиќ.
Високата победа доаѓа пред новиот предизвик во Лигата на шампионите, каде Вардар ќе ја пречека Висла Плоцк. Сепак, тренерот на црвено-црните не сакаше да ги споредува двата натпревари.
„Не би го поврзувал овој натпревар со Висла. Тоа е нешто сосема друго. Без намера да го омаловажуваме Охрид, Лигата на шампионите е друго ниво. Интензитетот, судењето и квалитетот на интернационалците се поинакви. Висла е екипа која со години настапува во Лигата на шампионите и нè очекува многу тежок натпревар.“
Чупиќ очекува уште подобро издание на својот тим и верува дека со поддршка од исполнетите трибини Вардар може да стигне до првата победа во елитното европско натпреварување.
„Против Висла сите сегменти од нашата игра мора да бидат добри и мора да бидеме уште поквалитетни. Нè очекува тежок натпревар, но сите натпревари во Лигата на шампионите се тешки. Така ќе се поставиме и така ќе се подготвуваме. Се надеваме дека пред полна сала ќе успееме да стигнеме до првата победа во Лигата на шампионите“, заврши Чупиќ.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾
Дерби само на хартија: Вардар го надигра Охрид во „Јане Сандански“

Европскиот ракомет во следните години го очекуваат големи промени, а дел од нив директно ќе се однесуваат и на Македонија. Претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер, ги откри следните чекори во развојот на клупските и репрезентативните натпреварувања, меѓу кои посебно место имаат новите „Европските игри“, но и целосно новиот систем на европските квалификации за Светските првенства.
За Македонија особено интересна е најавата дека класичниот бараж систем за пласман на Светско првенство треба да замине во историјата. ЕХФ веќе го потврди правецот – квалификациите за СП 2031 треба да се играат преку лигашки систем организиран во три нивоа, со концепт сличен на фудбалската Лига на нации.
Според ЕХФ, целта е репрезентациите да добијат повеќе квалитетни натпревари на домашен терен, да се зголеми конкурентноста и интересот, но и комерцијалната вредност на репрезентативниот ракомет.
„Заедно со Европските ракометни игри ќе биде воведен и нов пристап кон европските квалификации за Светското првенство, сличен на Лигата на нации на УЕФА. Сакаме националните федерации да добијат повеќе квалитетни натпревари на домашен терен“, објасни Видерер.
Токму ова е важна информација за Македонија, која во последните години редовно минува низ квалификациски и бараж двомечи во обидите да обезбеди настап на големите натпреварувања. Новиот концепт би значел поинаков пат до мундијалите и поголем број натпревари наместо сегашниот систем во кој многу често две средби решаваат сè.
Сепак, деталите за распределбата на репрезентациите во трите нивоа, начинот на напредување и испаѓање и точниот квалификациски механизам допрва треба да бидат официјализирани. ЕХФ најави дополнителни состаноци со националните федерации и другите засегнати страни во Виена во октомври.
Ново големо натпреварување од 2030 година
Уште една голема новина ќе бидат „Европските игри“, чие прво издание е закажано за втората половина на септември 2030 година.
На турнирот треба да учествуваат осумте најдобри машки и осумте најдобри женски репрезентации во Европа. Машките и женските селекции ќе играат паралелно во текот на шест дена, со наизменични натпреварувачки денови, слично на концептот што се применува на Олимписките игри.
ЕХФ веќе преговара со потенцијални организатори и модерни арени за домаќинство на премиерното издание, а Видерер најавува спектакл.
„Тоа ќе биде недела на врвен ракомет – прослава на нашиот спорт, многу повеќе од обичен ракометен турнир. Ќе биде вистински ракометен фестивал“, вели претседателот на ЕХФ.
Влогот ќе биде исклучително голем. Планот на ЕХФ е преку новото натпреварување да се доделува директното европско место за Олимписките игри.
За Македонија тоа отвора уште една потенцијална цел во иднина – пласман меѓу најдобрите осум европски селекции кои ќе имаат право да бидат дел од новиот елитен турнир. Сепак, точниот квалификациски систем за „Европските игри“ сè уште не е јавно објавен.
Промени се подготвуваат и во Лигата на шампионите
ЕХФ размислува и за дополнителни промени во клупскиот ракомет. Иако од сезоната 2026/27 Лигата на шампионите веќе се прошири на 24 екипи, федерацијата го анализира новиот систем и собира мислења од клубовите.
Во план е и создавање инвестициски фонд за понатамошен развој на Лигата на шампионите. Средствата би се насочувале кон инфраструктура, арени, натпреварувачкиот систем и финансиската распределба меѓу клубовите.
Планот предвидува 30 проценти од евентуалниот вишок средства да бидат поврзани со инвестиции во стратешкиот развој и идното позиционирање на клупските натпреварувања.
Првите нови мерки би можеле да бидат предложени пред Извршниот комитет на ЕХФ во декември, а нивната примена е можна од сезоната 2027/28.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾
По примерот на фудбалот: ЕХФ воведува „Лига на нации“, квалификациите за СП во нов формат