Македонија поразена од Романија на „Трофеј Карпати“

Женската сениорска репрезентација на Македонија со пораз го започна настапот на турнирот „Трофеј Карпати“, откако убедливо загуби од Романија со 36:25.

По нерешените 2:2, домаќинките со три гола во низа дојдоа до 5:2 во петтата минута и до крајот на полувремето одржуваа резултатска предност. Кон средината на првиот дел, селекцијата на Романија имаше 9:4 и тука беше јасно дека избраничките на Грчевски ќе мора да заиграат подобро, пред се во одбраната.

Во еден период нашата репрезентација успеа да ја преполови негативата и преку расположената Стефаноска дојде до минус два, 10:8, но до крајот на полувремето Романија ги казни речиси сите грешки на „црвено-жолтите“ и на пауза замина со резултатска предност од четири, 16:12.

Во вториот дел Романија заигра поангажирано, запозна постепено да се одлепува, во 40 минута имаше предност од 23:17, додека во 48 минута дојде до поизрзена предност од 27:19. Романките рутински ги одработија последните десет минути, во кои немаше поголема промена во играта на македонската репрезентација.

Јована Мицевска натпреварт го заврши со 11 интервенции, додека кружниот напаѓач Ивана Гакидова и десниот бек Јована Кипријановска беа најефикасни со по пет погодоци. Кај Романија, Бјанка Базалиу беше прв стрелец, имаше осум успешни реализации.

Македонија утре ќе игра против Словачка, а в недела е натпреварот со Швајцарија.

Како што е познато, последните тестови пред ЕП 2024, Македонија ќе ги има на „Кроација Куп“ со Србија и Хрватска.

Нашата репрезентација на Европското првенство за ривали во групната фаза ги има репрезентациите на Унгарија, Шведска и Турција.