Шпанец ќе игра за Косово

Ракометарот кој во минатата сезона беше на 4. место на листата на стрелци во Асобал лигата, Виктор Алонсо Гарсија, на стартот на сезоната од Пуенте Хенил се пресели во косовскиот првак Беса Фамгас.

Гарсија дојде во клубот на барање на тренерот Хавиер Кабањас кој е негов сонародник. Кабањас седна и на селекторската клупа на Косово, а сега и Алонсо има понуда да земе пасош и да заигра за националнио тим.

„Понудата ме изненади. Знам дека не можам да сметам на повик од Шпанија, иако имав добри сезони. Ја разгледувам опцијата да играм за Косово и знам дека ќе добијам најдобар третман во светот, иако порано не ми паѓаше на памет да заиграм за друга репрезентација“, вели Алонсо Гарсија.

Тој настапува на позицијата десен бек, а во својата кариера досега го има носено дресот на Портланд Сан Антонио, Овиедо, Ваљадолид, Нава, Ателтико Мадрид, Адемар Леон, Стинта Бакау (Романија), Кретеј (Франција) и Анхел Хименез Пуенте Хенил.

Косово во првите два меча од квалификациите за Европското првенство загуби од Црна Гора на гости и дома од Шведска.