Чесите најмногу стравуваат, но и најмногу се воодушевуваат на две работи поврзани со репрезентацијата на Македонија – Кирил Лазаров и македонската „Фаланга“.
„Често играме меѓусебни натпревари и секогаш е „жешко“. Атмосферата кај нив е извонредна, на нивниот натпревар со Украина беше подобро отколку на нашиот меч против домаќинот Австрија. Не разбирам колку Македонци се појавија на трибините! Нивните навивачи се „луди“, неверојатни“ – вели чешкиот репрезентативец Мирослав Јурка.
Македонија и Чешка се две репрезентации кои добро се познаваат меѓусебе и се редовни противници на големите натпреварувања или во квалификациските циклуси. Денеска (16 ч.) во Виена ќе играат во рамките на второто коло од Групата Б на ЕП 2020, што ќе биде 15 официјален натпревар меѓу овие две репрезентации.
„Кога наближува некоја ждрепка, веќе очекуваме да ги добиеме Македонците. Не сме изненадени. Мора нешто да им вратиме. Се надевам дека може да ги победиме. Не можеме да сториме ништо друго“ – вели крилото на чешката репрезентација.
Во првото коло на ЕП, Македонија ја победи Украина (26-25), а Чешка загуби од Австрија (29-32). Победа во денешниот меч, Македонија ја носи во втората фаза на ЕП, а за Чесите поразот ќе значи елиминација уште во првиот круг од шампионатот.