Црногорскиот „Микел Хансен“ му се „нуди“ на шампионот: Сакам да заиграм за Вардар!

Младиот ракометар, Немања Ѓурашковиќ, кој од медиумите во својата земја е нарекуван „Црногорскиот Микел Хансен“, откри дека неостварена желба му е да настапува за европскиот првак Вардар во Лигата на шампионите.

„Пред сè јас го сакам ова што го работам и тоа би рекол е остварување на некој мој сон. Би сакал еден ден да играм за Вардар од Скопје и секако во Лигата на шампионите“, изјави Ѓурашковиќ.

19-Годишниот лев и централен бек, со ракомет се занимава од својата 12-та година, беше дел од кадетската селекција на Црна Гора, додека моментов е член на младинската репрезентација.

Потекнува од составот на Иванград, а сега настапува за составот на Рудар од Плевља.

Ако се знае дека е застапуван од менаџерската агенција што соработува со Вардар, не е невозможно овој млад црногорски репрезентативец да го гледаме во дресот на европскиот шампион.