СЕДИ ДОМА, ГЛЕДАЈ РАКОМЕТ: Четирикратниот светски првак не знаеше што го снајде, Македонија со историски пласман на ЕП! (ВИДЕО)

Во деновите кога коронавирусот се шири со брзина на светлината на Стариот континент, препораките од властите се најголемиот дел од времето да го поминувате дома и да избегнувате контакти со луѓе. Љубителите на ракометот во овие денови ќе ги потсетуваме на најинтересните натпревари на македонските екипи и репрезентации во изминатите години, како и на најинтересните средби од големите натпреварувања. Седете дома и уживајте во ракометните натпревари. За денеска го одбравме натпреварот oд квалификациите за пласман на ЕП 1998 меѓу Македонија и Романија одигран на 27 ноември 1997 година во СРЦ „Кале“. Романците, кои дојдоа како фаворити, минаа низ Скопје како „боси по трње“ и загубија со 35-22, а оваа победа гарантираше место на нашата селекција на ЕП во Италија за првпат во историјата. За Македонија тогаш играа Стефановски, Ходик, Зарков, Андоновски, Алушовски, Новокмет, Котевски, Петрески, Манасков, Марковски, Турченко и Николиќ, а селектор беше Ванчо Јовановски.