СЕДИ ДОМА, ГЛЕДАЈ РАКОМЕТ: Пред 24 години – ракометна треска во Битола, кренат паркет и за влакно испуштено финале (ВИДЕО)

Во деновите кога коронавирусот се шири со брзина на светлината на Стариот континент, препораките од властите се најголемиот дел од времето да го поминувате дома и да избегнувате контакти со луѓе. Љубителите на ракометот во овие денови ќе ги потсетуваме на најинтересните натпревари на македонските екипи и репрезентации во изминатите години, како и на најинтересните средби од големите натпреварувања. Седете дома и уживајте во ракометните натпревари. За денеска го одбравме натпреварот од полуфиналето на КПК од сезоната 1995/96 одигран на 30 март 1996 година меѓу Пелистер и Лемго. По поразот во Германија од Лемго со 25-23, битолчани беа на чекор да ја надополнат негатива и да се пласираат во финалето, но на крајот остварија само пирова победа со 24-23. Но и покрај тоа во сеќавањата на навивачите засекогаш останаа ракометната треска во Битола, кренатиот паркет и неверојатната атмосфера во тогашната сала „Младост“. Тогаш за Пелистер, кој беше предводен од Зоран Зечевиќ, играа Стефановски, Димитровски, Николовски, Зарков, Маринковиќ, Мирзамамедов, Петрески, Поповски, Марковски, Чурлевски, Николиќ, Новокмет, Пелешенко и Петковски.