СЕДИ ДОМА, ГЛЕДАЈ РАКОМЕТ: Натпревар за аналите – колку пати и да го гледате, пак нема да ви биде досаден! (ВИДЕО)

Во деновите кога коронавирусот се шири со брзина на светлината на Стариот континент, препораките од властите се најголемиот дел од времето да го поминувате дома и да избегнувате контакти со луѓе. Љубителите на ракометот во овие денови ќе ги потсетуваме на најинтересните натпревари на македонските екипи и репрезентации во изминатите години, како и на најинтересните средби од големите натпреварувања. Седете дома и уживајте во ракометните натпревари. За денеска го одбравме натпреварот од полуфиналето на завршниот турнир во Лигата на шампионите во Келн меѓу Вардар и Барселона, одигран на 3 јуни 2017 година. Македонскиот тим по голема борба славеше со голот на Лука Циндриќ во последните секунди за 26-25 и пласман во големото финале против ПСЖ. Ова беше прва историска победа за Вардар против Барселона, откако претходно ги имаше загубено девет меѓусебни дуели и имаше само едно реми.