СЕДИ ДОМА, ГЛЕДАЈ РАКОМЕТ: Драматичен финиш во Ниш, Полска не успеа да ја запре залетаната Македонија (ВИДЕО)

Во деновите кога коронавирусот се шири со брзина на светлината на Стариот континент, препораките од властите се најголемиот дел од времето да го поминувате дома и да избегнувате контакти со луѓе. Љубителите на ракометот во овие денови ќе ги потсетуваме на најинтересните натпревари на македонските екипи и репрезентации во изминатите години, како и на најинтересните средби од големите натпреварувања. Седете дома и уживајте во ракометните натпревари. За денеска го одбравме натпреварот oд главната фаза на ЕП 2012 година меѓу Полска и Македонија, кој нашите ракометари го добија со 25-27 и ги одржаа шансите за полуфиналето. Избраниците на Шундовски водеа во текот на целиот меч, но на крајот полските ракометари ја намалија негативата и беше многу интересно. Сепак немаа сили за комплетен камбек и победата остана за Македонија. Борко Ристовски имаше 19 одбрани и ги откажа Полјаците, а Кире Лазаров даде десет погодоци. На оваа средба за Македонија настапија Борко Ристовски, Петар Ангелов, Стевче Алушовски, Дејан Манасков, Златко Мојсоски, Владимир Темелков, Бранко Ангеловски, Наумче Мојсовски, Филип Миркуловски, Филип Лазаров, Кирил Лазаров, Влатко Митков, Ацо Јоновски, Велко Маркоски, Стојанче Стоилов, а селектор беше Звонко Шундовски.