Освои 17 титули и даде 428 погодоци – погледнете го последниот гол на Шишкарев за Вардар (ВИДЕО)

По Тимур Дибиров и Стојанче Стоилов, следни на листата со најдолг стаж во ерата на Самсоненко во Вардар се Игор Карачиќ и Данил Шишкарев. Лани си замина Карачиќ, а летово си оди и рускиот репрезентативен капитен. Можеби никогаш не добиваше премногу внимание од јавноста и од навивачите, но тој секогаш беспрекорно си ја завршуваше работата на теренот. Со 101 настап во ЛШ е втор на вечната листа на ракометари со најмногу настапи за Вардар во елитната конкуренција, во која е петти клупски стрелец на сите времиња со 194 погодоци. Во регионалната СЕХА лига постигна 234 голови за шест сезони, а со Вардар успеа да освои дури 17 титули (пет во Суперлига, четири во Купот на Македонија, три во Суперкупот, три во СЕХА и две, оние најважните во Лигата на шампионите). Во ЛШ и СЕХА постигна вкупно 428 голови (тука не се сметани головите во македонските конкуренции со оглед на тоа што нема детална статистика на сајтот на РФМ). Шишкарев, кој остави силна трага во Вардар, од лето ќе го носи дресот на Веспрем и ќе има шанса да ја продолжи низата настапи на завршните турнири во ЛШ. Погледнете го неговиот последен погодок во „црвено-црниот“ дрес (на мечот со Нексе од СЕХА лига одигран на 8 март годинава)...