ИНТЕРВЈУ ОЛИВЕР И ТАЊА ДИМИТРИОСКИ: Фамилијарно сме „заразени“ со ракомет

На македонската спортска и ракометна сцена постојат многу семејства кои комплетно функционираат во еден спорт, но за нас беше интересна комбинацијата која ја имаат Оливер и Тања Димитриоски. Двајцата поранешни ракометари, двајцата актуелни тренери, кои пред се работат со млади категории, а згора на тоа Тања е и спортски новинар во весникот „Нова Македонија“. Нивен син е 23-годишниот македонски репрезентативец, Димитар Димитриоски, кој сезонава е играч на Еурофарм Пелистер 2, додека ќерката Ерика е ракометарка на Металург. Семејство за кое салата е втор дома, а ракометот – љубов, двигател и главен извор на егзистенција.

Нивната приказна започнува од родниот Прилеп. Двајцата во ракометот влегуваат преку училишните селекции, тој како левак предодредено му е да биде десен бек, таа игра на позиција лев и среден бек. Машкиот и женскиот тим на Тутунски комбинат се првата допирна точка, в сала ги имаат првите контакти, но вистинското дружење е в град, во слаткарница (се смеат и двајцата), ексклузивно место од нивната младост во Прилеп, каде морало да излезеш за да бидеш виден. Заедно се од 17 години, односно неполни 29. како пар (од кои 24 во брак), а спортскиот начин на живот секогаш ги дефинирал. Со исклучок на една сезона мината во Шведска, Оливер кариерата ја гради на домашна сцена, но признава дека не бил сериозно посветен и исполнет како играч. “Бев некој талент, паметам еден наслов во тогашниот ’Југословенски спорт’ – ’најталентиран десен бек во Југославија’, но да бидам искрен, останав на тоа!“ И Тања циркулира на македонската ракометна сцена, дури ќе направи и пауза поради раѓањето на Димитар пред одново да се врати, за потоа во 2003 дефинитивно да стави крај на кариерата.

Оливер се обидува да создаде два клуба во Прилеп (Пегас и Прилеп, но тоа се проекти кои неславно завршуваат по само една сезона), за животот да ги донесе во Скопје (во 2008-та), а сплет на околности и ракометното име кое го имаат да биде предиспозиција за да влезат во ракометната Академија на Металург. (Тања од претходно пак веќе работи како спортски новинар во ’Нова Македонија’) Од тогаш како пар се константни во својата работа – децата и младите категории се она на кое се посветени. Двајцата се едногласни дека таму е најчистиот облик на љубов кон спортот и потребно е само посветено да работиш за да почувствуваш фит-бек и сатисфакција.

Токму тоа е и една од причините што Оливер Димитриоски е дел од новиот проект на женската ракометна сцена – ЖРК Ѓорче Петров во кој работи заедно со Милева и Ангел Велкови и професорот Владимир Радиќ. Мора да се потенцира дека претходно Оли двапати седеше како прв тренер на клупата на РК Металург со кој во 2019-тата го освои Купот на Македонија кога во финалето во Куманово го победи Вардар. Во март годинава дефинитивно се раздели од Металург по скоро 13 години функционирање во Академијата и првиот тим.

„Повеќе од една деценија бев дел од Металург и кога ја прекинавме соработката почувствував потреба и си реков ќе си дадам одмор. Уште истата вечер добив понуда за работа од клуб од Србија. Ги прифатија сите мои услови, но одлучив да не ја прифатам понудата, едноставно сакав оддишка од ракомет. Одморот траеше само две недели (се смее). Ми се јавија од ЖРК Ѓорче Петров, приказната за проектот веќе ми беше позната и можам да кажам дека лесно се договоривме. Се согласив да работам затоа што идејата се совпаѓа со моите погледи и размислувања, а и имам комплетно одврзани раце да направиме пред сè, стабилен клуб. Првите два-три месеци следев како и што работат, скенирав, затоа што во проектот сум заедно со Лела и Ане (Велкови) и сметам дека сме добра комбинација на луѓе, имаме убава комуникација, поделени сме со обврските и секој си ја работи својата работа. Екипата која ја имаме во моментов ја составувавме заедно и е делумно и мое дело затоа што како прв тренер имав слобода да ја донесам конечната одлука. Сакав Лела да биде мој асистент, женските се малку специфични (се смее). Вистина е дека кога ја почнував тренерската кариера во Шведска во 1992 година водев женска екипа, но потоа скоро две децении бев во машки тимови, па потребен е период на преадаптација. Всушност, да бидам искрен за мене играч е играч, нема маж или жена и она што е основно и најважно е пристапот и професионалноста со која си за завршува задачата. Кај нас, за жал, скромно е нивото на професионалност и кај едните и кај другите. Да не бидам и погрешно сфатен, во моментов водам млада екипа, женска и секако и интензитетот и нивото на работа треба да биде соодветно за нив. Турнирот кој го организиравме беше показател дека сме на вистинскиот пат, дека успешно го ’истрчавме’ подготвителниот период и поставивме добра база за она што не очекува сезонава“, објаснува Оливер Димитриоски.

ЖРК ЃОРЧЕ ПЕТРОВ САКА ДА СЕ ПРОБА ВО „ДЛАБОКОТО“

ЖРК Ѓорче Петров најави дека високо ќе цели сезонава, Европа е амбицијата.

„Се подготвуваме за домашна лига, а стремиме кон европско ниво. Не само ние како клуб Ѓорче Петров, туку комплетниот поглед и пристап кон женскиот ракомет сметаме дека треба да се сменат и дека сите по малку треба да придонесеме работите да одат во нагорна линија. Знаете може на некому му е добро тука каде што е да ’плива на сигурно’, но ние не сакаме да останеме во ’плиткото’ туку да се пробаме во ’длабокото’, во Европа. Затоа целта не ни е титула, нормално би било одлично ако дојдеме до тоа, но излез во Европа, односно место меѓу првите четири на табелата ќе значи успешна сезона. Показател дека сме направиле добра работа ќе биде и задоволството на играчите. Ако успееме да ги задржиме и следната сезона, па потоа во третата сами да сакаат да останат во клубот – тоа ќе значи дека сме работеле одлично.“

СО МЕТАЛУРГ ИМАВМЕ РАЗЛИЧНИ ПОГЛЕДИ ЗА МАКЕДОНСКИОТ КОНЦЕПТ

Оливер од клупата на Металург беше разрешен во март годинава кога екипата загуби од Пролет во првото коло од плеј-офот. Претходно тој 13 години беше во клубот, работеше во Академијата, како асистент прво на Данило Брестовац, а потоа и на Зоран Кастратовиќ, а секогаш кога тимот од Автокоманда ќе останеше без прв тренер, Оли беше најбрзо и најдобро решение. Тој никогаш не доби шанса да ја каже својата страна од приказната, а и во овој случај остана резервиран.

„Оливер беше добро решение во кризни моменти. (се смее) Факт е дека клубот со ист проблем функционира години наназад, а последната сезона поради пандемијата беше многу лоша за сите. На хартија имаш играчи за Лига на шампиони кои поради коронавирусот ги немаш на клупа. Од друга страна и погледите и размислувањата за македонскиот концепт на екипата ни беа многу различни“ – кусо искоментира Оливер и додава: „Она на што сум особено горд во моето водење на Металург е освојувањето на Купот на Македонија во 2019 година, кога во финалето го победивме Вардар, кој беше апсолутен фаворит. Малкумина знаат дека сум првиот македонски тренер по пауза од 15 години кој освоил титула.“

ПОКРАЈ ДИМИТАР СТАНАВ ТРЕНЕР

Оливер Димитриоски тренерската кариера можеби ја започнува пред неполни три децении во Шведска, но реално, сериозно се посветува на неа по доаѓањето во Скопје и кога синот Димитар ќе почне да тренира во Академијата на Металург.

„Комплетно паузирав од ракометот пет-шест години по завршуањето на кариерата и по двата неуспешни обиди да формирам клуб во Прилеп. Се преселивме со Тања и децата во Скопје каде имавме приватен бизнис – ресторан. Крсто Петрушевски кој беше во Металург тогаш дојде еден ден во ресторанот и со оглед на тоа дека нè познава од времето кога бевме играчи со Тања, а Димитар имаше околу 10 години ни вели време е детето да почне да тренира ракомет. Диме, не го форсиравме во спорт, но сакаше или ракомет или фудбал, а откако го однесовме на еден тренинг беше јасно што ќе тренира (се смеат двајцата). Димитар почна да тренира во Академијата каде тренер му беше Дарко Петровски и тој ми предложи да почнам да работам со млади категории. Многумина мислат дека Димитар игра ракомет поради мене, но можам да кажам дека ситуацијата е спротивна – јас станав тренер покрај него. Прво водев школи, потоа со Данило (Брестовац) во Академијата соработувавме три – четири години заедно, потоа тој замина во Франција. Кога се врати му бев помошник тренер, а потоа и на Кастратовиќ.“

Покрај момците и Тања редовно ги следи ракометните случувања. По затворањето на ресторанот сплет на околности и носи шанса да почне да работи во спортската редакција на „Нова Македонија“, потоа и таа да почне да работи како ракометен тренер.

„Многу случајности има во тој период. Спортски сум поткована, го сакам спортот комплетно, особено ракометот и добив понуда да почнам да работам како спортски новинар во ’Нова Македонија’. Имав добри ментори кои ме воведоа во процесот на работа и еве и денеска сум уште таму. Во 2013 година кога машкиот тим на Металург беше во фокусот поради успесите како на домашна така и на европска сцена, уредникот ми предложи да го афирмираме малку и женскиот ракомет, ЖРК Металург ја освои двојната круна предводена од Крсто Петрушевски. Се договоривме да направиме интервју со тренерот за да го обележиме тоа. На интервјуто беше присутен и Филип Христов како директор на женската екипа и откако го завршивме официјалниот дел потоа приватно заборувавме за ракомет и добив понуда од Христов за да работам со школи на клубот. Така и јас почнав со школа со женски тим. Работите некако се надоврзуваа една со друга“, констатира Тања.

ТРЕНИНГ ДОМА: ШУТИРАЊЕ ПЕНАЛИ ВО 23 ЧАСОТ!

За да биде сликата комплетна за ракометното семејство недостасува уште ќерката Ерика, која уште од шест годишна возраст ги следи стапките на постариот брат. „Како може бато да игра, а јас не!“ Најинтересно од сè е што Димитар и Ерика по цел ден минат во сала знаат да си одржат тренинг во 23 часот навечер.

„И кога бевме момче и девојка функциониравме како сега. Двајцата сме во истиот спорт, знаеме како функционира ракометниот свет и нема ниту нервози, ниту расправии и кавги, се знае кога е време за тренинг, за натпревар, за одмор…“, потенцира Тања и продолжува: „Така ги воспитавме и децата. Скромни сме, уживаме во малите работи, салата е нашиот втор дом и сме ракометно заразени. Паметам Ерика едвај дочека да наполни шест години за да може да почне да игра и да тренира. Од некој младински турнир Димитар донесе пехар за најдобар стрелец, таа веднаш ме праша што треба да направам за и јас да станам најдобар стрелец.“ (се смее)

„Некогаш делува страшно! Си одиме дома навечер, во 22 часот, и кога по цел ден минат в сала, си велиш сега малку ќе одмориме од ракомет, ќе земеме оддишка, во 23 часот Димитар и Ерика почнуваат да играат ракомет. Ќе си прават тренинг, ќе шутираат пенали! Ракометот ни е фамилијарно влезен под кожа“, се надоврзува Оливер.

“НИКОГАШ МЕ НЕМАШ ПОФАЛЕНО!“

Оливер кога работел во Академијата на Металург никогаш не дозволил Димитар да се почувствува привилегиран затоа што неговиот татко е тренер, напротив критиките секогаш доаѓаат пред пофалбите.

„Јас сум првиот тренер кој го избркал Димитар од тренинг. Влегува в сала и ми вели ’ТАТО’. Јас го погледнам и му одговорив ’Излегувај од сала!’ Нема ’тато’ и ’мамо’, таму сум тренер, како за сите така и за него“, вели Оливер, а на тоа Тања дофрла низ смеа: “Затоа веќе и дома не го вика тато!“ „Димитар виде многу мака од мене, но секогаш му велев ’по мене сè ќе ти биде лесно’. Еднаш ми рече ’Никогаш ме немаш пофалено’, а јас му одговорив ’Лесно е да те фалам’. Во тој период се појави и наслов со изјава на Меси дека татко му никогаш во животот не го пофалил. Му го посочив тоа на Димитар, на играчиште како Меси му се случува истото. (се смее) Да бидам искрен јас и не зборувам дома многу за ракомет. Тања повеќе анализира со нив“, вели Оливер.

„По натпревар никогаш ниту Ерика, ниту Димитар не добиле пофалби од нас. Секогаш критики, секогаш имаме забелешки за нешто и ќе влеземе во дискусија. Најлесно е да ги фалиш, но треба да им ги кажеш маните и да им укажеш на грешките. Прифаќаат критики, иако некогаш знаат да негодуваат и да имаме разговор на повисок тон, но потоа кога ќе легнат работите зборуваме за тоа и анализираме“, додава Тања.

„НАВИВАВ МЕТАЛУРГ ДА ПОБЕДИ, А ДИМЕ ДА БИДЕ НАЈДОБАР СТРЕЛЕЦ“

Сигурно им е многу интересно дома Оливер тренер на ЖРК Ѓорче Петров, Ерика ракомерарка во ЖРК Металург, Димитар играч во Еурофарм Пелистер. Големото ривалство беше можеби минатата сезона кога Оли беше на клупата на Металург, а Диме играч на Вардар. Тања, пак, новинарски, непристрасно мора да ги пренесе случувањата на теренот.

„Имаше еден комичен момент лани во ’Автокоманда’ (се смее). Диме игра во Вардар, Оли на клупа на Металург, заедно со Зоки (Кастратовиќ), а на трибини седиме јас и Индира – таа во Вардар, јас во Металург. Пред почеток на мечот и велам ’Сега за кого навиваш?’. Таа низ смеа одговара ’Не ми збори, жити мене!’, а кога таа ми го постави истото прашање и велам ’Ќе бидам најсреќна ако победи Металург, а син ми е прв стрелец за Вардар’ (се смее) Што се однесува до емоциите – тие ми се за дома. Во сала се држам професионалец, не 100 туку 300 посто и не дозволувам чувствата да влијаат на извештајот кој го пренесувам. Кога гледам натпревар во сала не покажувам никаква емоција, можам да не мрднам, а во мене внатре е војна и се карам и викам… Во сала ни за гол, ни за победа не сум се радувала, знам да аплаудирам како и сите други и тоа е тоа. Дома е друга приказна (се смее). Дома може да ме избркаат од соба, особено кога гледаме со свекрва ми заедно, викаме по сите, по судии, играчи, по напад, по одбрана… Во иста соба не може да гледаме ракомет со Оли бидејќи дома не ги штедам гласните жици“, вели Тања.

НЕ СЕКОГАШ КРАЈНАТА ЦЕЛ Е ОСВОЈУВАЊЕ ТИТУЛИ

Како тренери и Оливер и Тања се посветени на работа со млади категории. Правилното насочување на децата, фактот дека ’те пијат’ кога се обидуваш да ги воведеш во она што го сакаат и но искрената љубов како фит-бек е најдоброто нешто што го дава нивната работа.

„При еден разговор имам кажано дека желба ми е да бидам селектор на женска албанска репрезентација. Одиграа еден натпревар на кој дадоа еден гол и тоа од некои 12 метри, случајно! Кога ќе ме прашаат зошто баш на нив, велам – има простор за напредок, можеш да сториш нешто. Не е секогаш крајната цел освојување на титулите! Повеќе ме исполнува кога ме поздравуваат децата на улица, со почит, вистински! Не велам не, сатисфакција се и медалите и трофеите, но целам кон тоа да создадам играчи. Со Ѓорче Петров сакам да создадеме тим на здрави темели и за мене најголем успех ќе биде ако од 24 девојки поголем дел од нив да бидат во репрезентација и да излезат во странство и да направат кариери. Барам проекти и работа каде што има простор за напредок и за мене како тренер, но и за играчите да растат. Реков дека не е се во титулите, но моја цел во моментов е да станам прв тренер во Македонија кој освоил Куп-титула и со машки и со женски тим, а тоа само ќе биде показател колку екипата пораснала. Важно ми е некој да ја види мојата работа, а не дали ќе освојам нешто или не.“