Како најдолговечен ракометн турнир на овие простори, Струга продолжува да ја негува традицијата, со oорганизирање на меѓународниот турнир на отвореното ракометно игралиште покрај „Женската плажа“ што ќе означи и почетокот на новата сезона. Годинава, по 53. пат ќе се игра „европски“ ракомет во Струга, со 6 екипи од кои две се од странство. Од 13 до 16 август, се ќе биде во знакот на ракометот.
Српскиот интернационалец Страхиња Симиќ лани не успеа да ги покаже своите ракометни квалитети на турнирот во Струга, поради повреда не можеше докрај да му помогне на тимот на Тиквеш. Сезонава, подготвен и тој и тимот од Кавадарци да потврдат дека со право се наоѓаат во најдобрите пет тима во Македонија, а Симиќ да се врати во својата форма како пред две сезони кога беше најдобра среден бек во Македонија во исборот на 24Ракомет.
Со турнирот во Струга почнува новата ракометна сезона, често „рацете и нозете се тешки“ после базичните подготовки, но тоа е место каде може да се види дали и што треба да се подобрува и колку тимот е „скоцкан“ според посакуваното.
„Очекувањата од настапот на турнирот се да видиме каде сме во овој момент, сигурно дека после тешки подготовки и првите натпревари не е реално да се бара некој резултат, туку да видиме до каде сме, што ни недостига и што можеме да поправиме, смета Страхиња Симиќ, капитенот на Тиквеш.
На турнирот Тиквеш ќе игра во Б групата, заедно со Бутел и Раднички Крагуевац. А за Симиќ мечот со Раднички има и емотивно значење.
„Секој ривал е тежок, Бутел го респектираме и знаеме дека ќе биде тежок натпревар, додека голема е честа за мене лично што ќе можам да играм против клуб од мојот град, Раднички Крагуевац, кој има една добра екипа, долго време се заедно и исто така нè очекува еден интересен и тежок натпревар. Настапуваме комплетни и тоа е добро за нас, вели Симиќ.
Кавадарчани ќе бидат слободни првиот ден на турнирот, и ќе можат да ги видат ривалите на дело, па и како ќе играат Бутел и Раднички кои се во истата група. Но, барем на хартија фаворитот за освојување на турнирот доаѓа од другата група.
„Според она што го имам испратено досега, сметам дека Охрид е фаворит поради екипата што ја има направено, поради буџетот, ростерот, но секако дека на никого нема да му биде лесно да стигне до трофеј. Нашите цели за оваа сезона се пласман во плејоф и подобро претставување во Европа. Одиме чекор по чекор, не мислиме многу далеку и сметам дека само на тој начин можеме да имаме една успешна сезона, вели Симиќ.
ТИКВЕШ – сезона 2025/2026
Дојдоа: Богдан Мијушковиќ (Струга), Василије Печурица (Еурофарм Пелистер), Александар Симоновски (Аеродром), Гиорги Гришикашвили (Пегаси Тбилиси), Мохамед Ахмед (Замалек), Томче Стојановски (Вардар), Аугусто Аранда (Весул), Благој Панов (Младост Богданци), Блашко Бакев (младинци), Димитриј Ангелов (младинци), Мартин Тодоров (младинци), Петар Цветковски (Радовиш)
Заминаа: Даниел Андоновски (Младост Богданци), Игор Арсиќ (ПАОК), Евгениј Темелкоски (ПАОК), Јован Даневски (Еурофарм Пелистер 2), Славчо Шулески (Еурофарм Пелистер 2), Ани Обина (Бијер), Игор Кривокапиќ (Будванска Ривиера), Спасоје Гачевиќ ?, Дарио Кофилоски ?, Кристијан Анастасовски (Вардар), Никола Летиќ ?, Борче Соколов (крај на кариера).
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ НА „СТРУГА 2025“
14 август: Тиквеш – Раднички Крагуевац
15 август: Тиквеш – Бутел
16 август: меч за пласман
❗❗ Дознајте ги сите новости поврзани со 53. издание на турнирот во Струга во специјалниот дел посветен на турнирот на страниците на 24Ракомет.
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…
СТРУГА 2025: Познат распоредот – езерски двобој за старт на турнирот