Историска титула за ГОГ Гудме – младинската ЛШ заврши со данска доминација!

Екипата на ГОГ Гудме е првиот шампион на младинскиот Ф4 турнир во Лигата на шампионите, кој беше вовед во сениорскиот спектакл што викендов се одржува во Келн, Германија.

Данскиот тим ја демонстрираше супериорноста на својата ракометна школа, убедливо победувајќи го Веспрем во финалето со резултат 37-28, во натпревар одигран во „Ланксес Арена“. Веќе на полувремето ГОГ имаше сигурна предност од 22-16, која ја задржа и зголеми до крајот.

Најефикасен во редовите на победничкиот тим беше Магнус Бојсен Мелдруп со девет погодоци, а Емил Соренсен додаде уште осум. Кај Унгарците, поефикасни беа Јухаш-Тот, Апро, Ганц-Пето и Шаип, сите со по четири гола.

Во борбата за третото место, т.н. „мало финале“, Барселона беше уверлива против македонскиот претставник Еурофарм Пелистер, 55-28, а битолчани се враќаат дома со значајно искуство и мотивација за нови предизвици.