Дејвис: Јасно и гласно ми кажаа – нема да го водиш Динамо догодина

Тренерот на Динамо Букурешт, Давид Дејвис, потврди дека ќе го напушти клубот по крајот на тековната сезона.

Причината за неговото заминување е незадоволството на управата на клубот, па така екс-стратегот на Вардар ќе мора да бара нов ангажман.

„По поразот од Магдебург во Лигата на шампионите, мене ми беше кажано пред присутните играчи дека нема да продолжам да работам со тимот. Тоа беше јасно и гласно кажано, така што нема никакви сомнежи дека ова е крај“, изјави Давид Дејвис за порталот fanatik.ro.

Шпанецот со романскиот шампион потпиша двегодишен договор, но поради неостварените цели, ќе го напушти тимот по завршувањето на тековната сезона.

Динамо Букурешт на првиот осминафинален натпревар во Лигата на шампионите беше поразен на свој терен од Магдебург со 30:26.

Реванш натпреварот меѓу двете екипи ќе се одигра на 2 април во Магдебург.