Ѓорѓиевска: Натпреварите со Украина треба да ги одиграме како да ни се последни

Женската репрезентација на Македонија денеска ги започна подготовките за бараж двомечот со Украина за пласман на Мундијалот во 2023 година.

По долго време во составот се враќа капитенот Елена Ѓорѓиевска, која смета дека предизвикот е голем и дека сите сакаат пласман на СП.

„Се чувствувам одлично, мило ми е што можам да помогнам на репрезентацијата и на девојките. Имаме голема шанса по долго време да се пласираме на Светско првенство и тоа е голем предизвик за нас. Мислам дека и целата јавност и ние сме во исчекување тоа да се оствари. Противникот е по мерка, имаме шанси, Украина не е екипа над нас, како што беа ривалите на ЕП. Македонскиот ракомет вреди уште и може да се надоградува во следните години. Сите сакаме да се пласираме на СП и едвај го чекаме денот на натпреварот.

Десниот бек смета дека овие два меча со Украина треба да бидат одиграно максимално како да се последните.

„Најважно за нас е да направиме добар резултат на првиот меч, за да биде полесно на реваншот. Секоја минута, секој напад ќе биде многу важен. Се работи за 120 минути, кои треба да ги одиграме како да ни се последни. Моето мислење дека девојките и јас со мојот камбек сме спремни за предизвикот. Сите очеуваме сонот да стане стварност и да се пласираме на СП“, вели Ѓорѓиевска.

Првиот натпревар меѓу Македонија и Украина се игра во Скопје во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 19:00 часот, додека реваншот е во унгарскиот град Кишварда на 11 април од 17:00 часот.