Турција се спаси од бламажа, со гол во последната секунда го победи Луксембург!

Во групата 1 од квалификациите за ЕП 2024, каде што игра и Македонија, селекцијата на Турција забележа тешка победа на гостински терен кај Луксембург со 30-29 и остана со некакви шанси во трката за билет за континенталниот собир.

Турција поведе на стартот со 5-1 и 8-3, па веројатно сите помислија дека ќе гостите ќе остварат лесна победа во Луксембург. До крајот на полувремето, гостите ја одржуваа предноста и на пауза се замина со нивно водство од четири гола, 14-10.

Сепак домашните не се откажуваа од бркање на негативата на овој натпревар. Еден од подобрите во таборот на Луксембург, Милер на десет минути до крајот израмни на 24-24 и најави возбудувања до крајот. Турците преку Хачиоглу и Симсар дојдоа до плус два, 28-26, но следуваа две нивни грешки, па Милер и Тиронцели одново донесоа реми 28-28.

Беше и 29-29, Турците одново згрешија, но се реваншираа и Луксебуржаните на триесетина секунди до крајот. Имаше минута одмор за Турција, пред Омур Пеливан во последната секунда да погоди за 30-29 и победа што им дава некакви минимални надежи за борба за ЕП.

Македонија и Португалија се на првите две позиции со по четири бода но и меч помалку, Турција има четири, додека Луксембург нема бодови.