СТРУГА 2020: Домаќинот реален – со Прилеп ќе решаваме дали ќе играме за петто или седмо место

Утре во Струга на отвореното игралиште „Горан Попоски Бабец“ покрај Охридското Езеро, ќе стартува 48. издание на традиционалниот Струшки турнир.

Оваа година поради ситуацијата со коронавирусот, организаторот одлучи на турнирот да играат само македонски екипи, па ќе гледаме „суперлига во пет дена“.

Домаќинот Струга, се поднови со неколку нови засилувања и неколку повратници, а нивните очекувања се реални.

„Првиот натпревар со Прилеп, ќе реши дали ќе играме за викенд за петто или за седмо место. Нашите очекувања се реални, а од другата група би можеле да се надигруваме само со Еурофарм Пелистер 2, сите останати екипи се фаворити. Другите натпревари ќе ги искористиме за воигрување на екипата, толку колку што ќе ни дозволат поквалитетните ривали“, вели стратегот на екипата, Наум Танески.

Во тимот останаа Славиша Димитријески и Пеце Рајатоски, а на турнирот би требало да настапат и повратниците и засилувањата.

„Димитријески и новиот десен бек од Босна, Дино Мехиќ се тука од претходната седмица. Вчера на тимот му се приклучија Богдан Николиќ и Вук Лакичевиќ, додека до стартот на турнирот очекуваме да пристигне и Пеце Рајатоски“, вели Танески.

Домашните играчи се тестирани на коронавирус, а сите странци што доаѓаат имаа негативен тест при влезот во Македонија.

„Играчите нема да бидат заедно во текот на турнирот, а ќе се придржуваат на протоколите кои важат и во тренажниот процес. Пред секој тренинг се мери температура на играчите, се врши дезинфекција на игралиштето, не се користат соблекувални…“, продолжува Танески.

Финалистите ќе се бараат меѓу Вардар, Еурофарм Пелистер и Металург. Во групата А „црвено-црните“ се фаворити, а победникот од битолскиот и тимот од Автокоманда, би требало да го даде вториот патник во финалето.

„Според мене, Вардар, Еурофарм Пелистер и Металург се апсолутни фаворити за првото место и трофејот“, заврши Танески во изјавата за 24Ракомет.

Струшкиот турнир започнува утре во 17:15 часот токму со натпреварот меѓу Струга и Прилеп, пред турнирот да биде свечено отворен.