Сервас им се обрати на навивачите: Моето време во Келце помина…

Првиот човек на Келце, Бертус Сервас, кој вложи многу во полскиот шампион, објави дека се повлекува од претседателската функција на европскиот вицепрвак.

Сервас успешно го водеше Келце на европска сцена, стигна до титулата во Лигата на шампионите во 2016 година, а ланската и оваа сезона два пати играше во финалето од елитното натпреварување.

Изминатата сезона за Келце беше многу турбулентна, финансиската криза се зголемуваше, но сепак, клубот секогаш наоѓаше начин да се спаси.

„Дваесет и една година го градиме овој клуб заедно, но моето време истече. Ве сакам сите и ве молам да ја разберете мојата одлука. Оваа година се случија многу работи, имаше многу емоции. Научив многу, на сите сум ви благодарен. Се надевам дека овој клуб секогаш ќе биде важен за градот Келце, бидејќи неговата вредност не може да се прецени. Ве молам разберете ја мојата одлука. Јас добро размислив пред да ја донесам”, изјави Сервас на средбата со навивачите.

Дали заминувањето на Сервас од претседателската функција ќе се одрази на понатамошното функционирање на Келце, останува да се види во следниот период.

Келце во следната сезона повторно ќе биде дел од Лигата на шампионите, но играчкиот ростер се уште не е познат.