Македонија може до вториот шешир пред ждрепката за ЕП!

Машката репрезентација на Македонија обезбеди место на Европското првенство во Унгарија и Словачка што ќе се игра во јануари следната година.

На две кола до крајот, нашите репрезентативци имаат шанси да стигнат и до првото место во групата ако Данска загуби од Швајцарија, а Македонија слави над Финска и Швајцарија, иако пореално е Македонија да се пласира на второто место во групата.

Од осумте квалификациски групи една од второпласираните селекции ќе биде дел од вториот шешир пред ждрепката.

ЕХФ го прави овој ранкинг пред ждрепката како комбинација на резултатите од квалификациите и од претходното Европско првенство во 2020 година.

Шешири пред ждрепката за ЕП:

шешир 1 Шпанија, Хрватска, четири првопласирани репрезентации од квалификации
шешир 2 Унгарија, четири првопласирани репрезентации, една второпласирана
шешир 3 Словачка, пет второпласирани репрезентации од квалификации
шешир 4 две второпласирани репрезентации, четири третопласирани

Организаторите веќе ги распределија дел од репрезентациите што веќе имаат пласман во кој град ќе играат. Хрватска ќе игра во Сегед, домаќинот Унгарија во Будимпешта, додека вториот домаќин Словачка ќе игра во Кошице.

Доколу се квалификуваат, а се многу блиску до тоа, Чешка ќе игра во Братислава, Германија исто така во словачката престолнина, а Словенија ќе игра во групата во Дебрецен.

Ждрепката за групите на ЕП ќе се одржи на 6 мај во Будимпешта со почеток во 17:00 часот, а првенството ќе се игра од 13 до 31 јануари догодина.