Вардар го потврди трансферот на Јашухира (ФОТО)

По една седмица тренирање со екипата на Вардар, ракометарот од Јапонија, Косуке Јашухира (23) потпиша едногодишниот договор со „црвено-црните“.

Завршени се сите технички и административни формалности и средниот во новата сезона ќе игра во дресот на Вардар.

Јашухира во редовите на поранешниот македонски шампион доаѓа како позајмен играч од Висла Плоцк.

Тој е првиот Јапонец што ќе биде дел од Вардар, но и првиот Јапонец што ќе заигра на македонско тло.

Доаѓа од полскиот вицепрвак Висла Плоцк каде лани настапуваше и беше пријавен и за Лигата на шампионите. Не доби голема минутажа поради големиот број на играчи што настапуваа на таа позиција.

Претходно играше и за француски Ним, а потекнува од јапонскиот Нипон Универзитет, игра на среден бек, поседува брзина и експлозивност.

Веќе цела седмица тренира со Вардар, прво во Скопје, сега и во Маврово, и веќе се вклопува во најтрофејниот македонски клуб.