Бутел славеше над „волците“ од Ѓенѓеш, но недоволно за второ коло

Ракометарите на Бутел Скопје се елиминирани од Лигата на Европа, иако славеа на вториот натпревар од првото коло од унгарскиот Ѓенѓеш со 25-24. За разлика од вчерашниот меч, впечатокот вечерва е многу подобар кога се работи за македонскиот клуб.

Ѓенѓеш водеше со 1-4, но бутелци сега покажаа желба за добар резултат и израмнија на 5-5. Условно гостите на овој дуел искористија неколку технички грешки на Бутел и повторно ја вратија предноста од три гола, 6-9.

Избраниците на Кристијан Грчевски, играа поангажирано од вчера и не дозволија ривалот уште рано да се одлепи на повисока разлика. Сулима, Митев и Мајиќ израмнија на 9-9, а потоа голманот Блажески даде гол за 11-11. Сепак престрого исклучување за Омерагиќ и Ѓенѓеш замина на пауза со водство, 12-14.

На стартот на вториот дел Херцег зголеми на 12-15, но Сулима веднаш врати. Беше 13-17, но Бутел полека ја топеше предноста на ривалот и во 51. минута Мајиќ донесе минимално водство, 21-20, што беше прво за македонскиот тим на овој двомеч.

Ѓоргиевски стрелаше за плус два, 23-21, а во овие моменти од мечот голманот Блажески исто така имаше неколку одбрани во серија. Мојсоски постигна убав гол за 24-21, а Мајиќ погоди за 25-21. До крајот беше јасно дека нема да има простор за сензација, но сепак Бутел оствари убава победа со 25-24 што ќе донесе рејтинг поени во следното рангирање на македонскиот ракомет.

Најдобри стрелци кај Бутел беа Мајиќ со осум голови, Василевски и Сулима со по четири погодоци, додека кај Ѓенѓеш се истакна Граф со четири. По оваа елиминација, Бутел Скопје ќе може да се посвети комплетно на борбата во Суперлигата, која би требало да стартува на 11/12 септември.