ВО НАЈАВА: Македонија организира сениорски ракометен Мундијал!

Македонија била домаќин на многу младински европски и светски првенства, а двапати беше домаќин и на сениорско ЕП. Почнувајќи од 2003 година кога првпат бевме домаини на младинско СП за девојчиња, и 2008 година кога првпат организиравме сениорско ЕП за жени. Потоа стигнаа уште неколку организации, а последното е младнското СП за девојчиња што заврши минаатат недела во Скопје.

За време на младинскиот Мундијал, во Скопје беше присутен претседателот на Светската ракометна федерација, Хасан Мустафа кој следеше повеќе натпревари. Неговиот престој беше искористен за средба со новиот премиер на Македонија, Христијан Мицкоски, како и министерот за спорт, Борко Ристовски. Меѓу другото беше дискутирано за развојот на ракометот во нашата држава, како и за идните проекти и планови.

Еден од нив е домаќинството на сениорски Мундијал во машка или женска конкуренција во иднина, односно од 2029 година па натаму. На средбата било договорено дека Македонија ќе ја има поддршката од централната власт во организацијата на големо натпреварување. Владата потврдила дека силно ќе застане зад една ваква кандидатура, а од страна на ИХФ било изразено задоволство и најава дека и тие би биле среќни ако тоа се случи.

Македонија нема капацитет за сама да организира Мундијал, пред се поради потребата од повеќе сали со голем капацитет, но може да се вклучи со две прелиминарни групи и една група од главната рунда, каков што ќе биде случајот со Исланд, кој заедно со Норвешка и Данска, ќе го организираат СП во 2031 година.

Германија и Франција, кои ја добија организацијата на машкото СП 2029 година, веќе најавија дека можно е трета земја да се вклучи во организацијата, а ист е случајот и со Шпанија, која ќе биде домаќин на женското СП 2029.

Македонија досега беше домаќин на женски сениорски Европски првенства во 2008 и 2022 година, но никогаш не организирала СП во сениорска категорија, иако била домаќин на кадетски и младински Мундијали.