Вардар држи чекор со водечкото трио

Ракометарките на Вардар славеа против Куманово со 35-29 во натпреварот од 11 коло во Супер женската лига и се зацврстија на четвртото место на табелата.

Избраничките на Анжела Платон сега имаат 12 бодови и ја зголемија разликата на пет бода пред Куманово, кој остана на седум на петтото место.

Куманово во првите десетина минути ја имаше контролата и водеше со 7-5, но домаќинките веднаш се вратија во игра и константно беа во предност од еден до два гола.

На паузата беше 16-14, а во вториот дел Куманово пружаше отпор, намалуваше на минус еден, но немаше завршен чекор кон камбек. По 30-28 во последните седум минути, Трифуноска и Миленкоска стрелаа за плус четири и Вардар не ја испушти предноста до крај.

Трифуноска и Миленкоска со по осум гола беа водечките стрелци на Вардар, додека кај Куманово исто толку даде Португалката Азеведо.

Во следното коло Куманово ќе игра дома со Спартак, а Вардар ќе му гостува на Пелистер.