Ракометарите на Бутел Скопје по еден ден пауза од средбата со Тиквеш, ќе одиграат нов меч од суперлигашкиот плеј-оф и ќе му гостуваат на шампионот Еурофарм Пелистер.
Левиот бек Тодор Узунчев очекува дека за разлика од дуелот со кавадарчани кога имаше пад на концентрација во финишот на првиот дел, во Битола ќе се игра борбено и дисциплинирано до последниот свиреж.
„Сметам дека клучно за поразот од Тиквеш беше падот на концентрацијата во клучните моменти од натпреварот, особено во првото полувреме каде што водевме шест разлика, па на крајот од полувремето губевме со два. Имавме и неколку технички грешки и промашени шутеви кои противникот максимално ги искористи. Што се однесува до натпреварот со Еурофарм Пелистер, очекуваме да одиграме борбено и дисциплинирано до последниот свиреж. Знаеме дека играме против еден од најдобрите тимови во лигата, но тоа не значи дека ќе се предадеме – напротив, ќе дадеме сè од себе“, вели Узунчев.
Младинскиот репрезентативец вели дека тој и соиграчите немаат што да загубат во Битола, а притисокот за победа е кај домаќините.
„Тоа може да биде наша предност. Ние немаме што да загубиме и ќе влеземе максимално мотивирани. Притисокот е на нивна страна, а тоа може да им се одрази на играта. Ќе се обидеме да го искористиме тоа и да приредиме изненадување“, продолжи Узунчев.
За Бутел Скопје по овој меч следува пауза од две недели и за крај ќе го пречекаат на домашен терен против „сино-белите“ од Автокоманда.
„Генерално, сезонава имаше и добри и лоши моменти. Имавме натпревари каде што покажавме квалитет, но и неколку натпревари кои можевме подобро да ги одиграме. Сепак, оваа сезона ни донесе многу искуство, особено за нас помладите играчи“, заврши Узунчев.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Бутел Скопје се игра вечерва во „Боро Чурлевски“ со почеток во 18:00 часот.