Селекцијата на Унгарија обезбеди место во главната рунда на Европското првенство, откако со голема поддршка од публиката славеше против Шведска со 32-25.
Избраничките на Владимир Головин уште по првиот дел ја најавија победата, кога имаа плус три, 16-13. Шведската одбрана немаше решение за Катрин Клујбер и Ченге Кучора, кои искомбинираа 15 погодоци.
Голманката Семери имаше 11 одбрани со 44% на успешност, но и Бундсен на спротивната страна запре 10 удари на Унгарките. Шведска ќе мора да ја победи Турција во последното коло, за да се надева на место во ТОП 12.
Франција по убедливата победа над Полска во првото коло, сега мораше да помачи против Шпанија над која славеше со 24-22. Шпанките диктираа темпо, имаа и предност во некој дел од мечот, но светскиот првак во финишот успеа да ја направи клучната предност.
Полска прослави тесна победа над Португалија со 22-21 и со Шпанија во последното коло ќе решава за вториот патник во главната рунда покрај Франција од оваа група.
Норвешка без проблеми го реши домаќинот Австрија и славеше со 37-24. Иако бранителот на титулата настапи без најголемиот адут Катрин Лунде, сепак, лесно се справи на денешниот натпревар и веќе се чекираше во главната фаза.
Токму во главната фаза Норвешка ќе ја има Катрин Лунде, која поради семејни причини мораше да се врати во својата татковина.
На победа во 2. коло се радуваше и Словенија, која ја оправда улогата на фаворит против Словачка триумфирајќи со 37:24.
Избраничките на Драган Аџиќ победата ја најавија уште во првото полувреме, кое го добија со 18:10.