Тиквеш најави дека сезонава може да биде тимот што од позадина ќе им ги мати сметките на фаворитите, барем според она што го покажа во Автокоманда против актуелниот вицепрвак. Домашните славеа со 26-25, иако на десет секунди до крај на средбата Мартин Манасков не го искористи шутот за реми, и неговиот упатен удар го одбрани Благојче Трајковски.
Гостите од Кавадарци тргнаа одлично, па на средина на првиот дел имаа позитива од 10-6 а потоа и 12-8. Потоа следуваше период добра игра на домаќините, кои направија пресврт и стигнаа до водство од 14-12 на полувреме.
Второто полувреме беше во знакот на сините од Автокоманда, кои во еден момент имаа позитива од 18-13. А потоа Тиквеш, „лека-полека“ ја топеше таа предност, за да дојде до израмнување, 23-23. Завршницата донесе драма во која, последниот напад за реми не го искористија гостите. Но, покажаа голем апошртвуваност и мотивираност. Тоа сигурно ќе им донесе добри резултаи во следните натпревари.
Домашниот голман Благојче Трајковски имаше 11 одбрани, Мартин Серафимов даде 8 а Марко Митев седум гол. Кај гостите голманот Јанко Гемаљевиќ одбрани девет топки, а по шест гола дадоа Мартин Манасков, Страхиња Симиќ и Ани Обина.