Alicia Maria GOGIRLA, Corina Elena Romina LUPEI, Lorena Gabriela OSTASE and Bianca Maria BAZALIU, France vs. Romania, Women's EHF EURO 2024, Austria, Hungary, Switzerland, 05.12.2024, Mandatory Credit © Axel Heimken / kolektiff

Романците прават клуб – репрезентација

Романската ракометна федерација, Олимпискиот комитет на земјата и раководството на градот Бистрица преговараат за создавање клуб, со цел пласман на Олимписките игри во 2028 и борба за медал на најголемата спортска манифестација.

Како што е познато, лигата во Романија во женска конкуренција е една од најсилните и најскапите, а во најголемиот дел од најбогатите клубови играчкиот ростер го сочинуваат ракометарки од странство.

Клубот – репрезентација би била Глорија Бистрица, екипа која има буџет од 3 милиони евра, а актуелен тренер е селекторот на Романија, Флорентин Пера. Главната цел на овој проект ќе биде токму давање шанса за домашните играчи.

Од раководството на Глорија Бистрица веќе ги презентираа плановите и им понудија на сите репрезентативки, доколку сакаат, да се приклучат на овој амбициозен проект. Селекторот Флорентин Пера вели дека Глорија Бистрица ќе ги има најдобрите услови.

,,Овој проект не може да се направи за една година. Има многу играчи кои имаат договори со други клубови. Но, ова е првиот чекор. И ние навистина сакаме да изградиме конкурентен тим. Ќе започнеме со изградба на романски проект во Бистрица. Кај нас можат да дојдат сите репрезентативки кои сакаат да играат во најдобри услови”, изјави Пера.

Големиот проект во романскиот ракомет ќе биде насочен кон формирање репрезентација што ќе игра на Олимписките игри во Лос Анџелес.